Ракометарите на Тиквеш, откако во претходното коло немаа среќа во финишот на дуелот со Алкалоид, утре (10-ти октомври) со почеток од 18:00 часот во спортската сала „Јасмин“ ќе го одиграат третиот домашен натпревар во Супер лигата, на кој ќе атакуваат на третата сезонска победа.
Гостин во Кавадарци ќе биде најмладиот суперлигашки тим, повратникот во домашната елита, Мулти Есенс, кој е составен од кадетски и младински репрезентативци на Македонија.
Интересно за утрешниот дуел во Кавадарци е тоа што Мулти Есенс од клупата го предводи некогашниот стратег на Тиквеш, Никола Матлиески. Тој во периодот од мај 2023 година до првиот дел од сезона 2023/24 беше тренер на кавадарчани.
Тиквеш за утрешниот дуел очекува и голема поддршка од публиката, а доколку ја оствари зацртаната цел, ќе го зголеми бодовното салдо и ќе стигне до седум бода.
Мулти Есенс, по двете последователни ремија, во Кавадарци ќе се обиде да му парира на домаќинот, да се покаже во добро светло и, доколку му се укаже можност, да ги освои двата бода, иако пред себе ќе има далеку поискусен противник.
Досегашни резултати на Тиквеш
Струга – Тиквеш 27:28
Тиквеш – Бутел 38:33
Прилеп – Тиквеш 28:28
Тиквеш – Вардар 27:35
Алкалоид – Тиквеш 31:30
Досегашни резултати на Мулти Есенс
Алкалоид – Мулти Есенс 38:28
Еурофарм Пелистер – Мулти Есенс 38:27
Мулти Есенс – Еурофарм Пелистер 2 29:30
Куманово – Мулти Есенс 33:33
Мулти Есенс – Младост 21:21
СТАТИСТИКА
Тиквеш на пет одиграни натпревари постигна 151 гол, а прими 154, додека Мулти Есенс досега реализираше 138 погодоци, а неговата мрежа беше затресена 160 пати.
Во тимот на Тиквеш одлично се вклопи едно од новите засилувања, интернационалецот Азиз Бен Махфуд, кој се наметна меѓу најдобрите пет стрелци во Супер лигата. На досегашните натпревари постигна 31 гол и е еден од најважните адути на кавадарчани во офанзивата. Минатата сезона, во дресот на Еурофарм Пелистер 2, Бен Махфуд постигна 179 погодоци.
Од друга страна, Мулти Есенс нема изразен поединец на кого се потпира целокупната игра, туку главно се потпира на тимскиот пристап. Сепак, досегашните натпревари покажаа дека најголемата опасност доаѓа од бековските позиции, каде што се истакнуваат Горазд Дамчевски и Јулијан Матески со по 18 гола, како и Немања Џигероски со 17 погодоци. Најефикасен во редовите на младиот тим е левото крило Давид Трајкоски, кој досега има 27 реализации.
Особено внимание заслужуваат Дамчевски и Матески, кои се дел од кадетската, односно младинската репрезентативна селекција. Нивните настапи и формата во Супер лигата се важни не само за Мулти Есенс, туку и во контекст на претстојните репрезентативни акции. Искуството што го стекнуваат настапувајќи против сениорски ривали може да биде дополнителен плус во нивниот понатамошен развој.
ЛИНК ЗА УТРЕШНИОТ НАТПРЕВАР ВО ПРОДОЛЖЕНИЕ…