Исидора Котевска: Посветеноста и трудот секогаш носат резултати

527

Исидора Котевска е едно од имињата што привлекуваат внимание во македонскиот женски ракомет. Младата ракометарка од Прилеп настапува за Металург Автокоманда, клуб во кој напредува како играч и стекнува драгоцено искуство. Во интервјуто за Спортска Димензија, Котевска зборува за условите во клубот, амбициите, репрезентативното искуство и идните планови, но и за поддршката што ја добива од својот татко, познатиот ракометен тренер Адријано Котевски.

Прилепчанката веќе две сезони настапува во Металург Автокоманда, каде што работи под водство на Јулијана Дамчевска и Крсто Петрушевски. Изминатата сезона беше во изборот за најдобра млада ракометарка на специјализираниот ракометен портал 24Ракомет, а исто така доби признание за МВП, односно ѕвезда на колото во Женската лига.

„Условите во клубот не се лоши, но секогаш можат да бидат подобри. Во овие две сезони имав можност да се усовршам како играч и да научам многу од моите тренери, Јулијана Дамчевска и Крсто Петрушевски. Двајцата многу вложуваат во нас, играчите, и се целосно посветени на нашиот напредок, не само во ракометот, туку и надвор од него. Наградите и признанијата донекаде ми укажуваат дека некој го следи мојот труд и го цени, а тоа ми дава мотивација да продолжам да тренирам со уште поголема посветеност и да го дадам најдоброто од себе на секој натпревар.“

Котевска со Металург Автокоманда оваа сезона го имаше дебитантскиот настап во третото по ранг европско клупско натпреварување – Европскиот куп. Во второто коло Металург Автокоманда играше против турскиот Гореле. Првиот натпревар го загуби, додека на вториот триумфираше, но екипата од Турција обезбеди пласман во третото коло.

Токму на овие европски натпревари во Турција, Котевска имаше можност да стекне вредно меѓународно искуство.

„Европските натпревари во Турција не беа лесни за мене, особено од психолошки аспект, бидејќи се соочив со играчи кои имаат поголемо искуство, но и двојно повеќе години од мене. Сепак, на овие натпревари, каде што добив шанса да играм, стекнав драгоцено искуство кое ќе го памтам засекогаш.“

ФОТО: EHF

Средниот бек има јасна визија за својот развој и напредок.

„Како млада ракометарка, се гледам како играч што сака да го зголеми својот потенцијал, како во Македонија, така и на меѓународната сцена. Ми се допаѓа тоа што, како среден бек, гледам повеќе да направам асистенции за моите соиграчи, да соработувам и комуницирам со нив, со цел играта да биде течна, без напнатост, со позитива која на крај ќе ни донесе насмевката на лицето.“

Нејзиниот татко Адријано, кој моментално ја извршува тренерската функција во ЖРК Деспина, често ѝ дава критики по натпреварите, со цел да ја подобри нејзината игра.

„Секако дека добивам совети од него, а многу од нив се критички. Сепак, знам дека ги кажува за мое добро. По секој натпревар имаме разговор во кој ми укажува каде сум погрешила, а со тоа што го кажува, ми помага секој ден да бидам се подобра и подобра. Тој е човек од кого можам многу да научам, па зошто да не ги следам неговите стапки?.“

За младите спортисти, секојдневието е исполнето со тренинзи, натпревари и подготовка, но вистинскиот предизвик е да се најде баланс помеѓу спортските амбиции и приватниот живот.

„Повеќето од денот го поминувам во сала. Не секогаш имам време за сè, но се трудам и правам планови за да можам да го постигнам она што го сакам, истовремено одвојувајќи време за мојата фамилија и пријатели, со цел да бидам исполнета и среќна.“

На репрезентативно ниво, Котевска беше дел од кадетската репрезентација на Македонија и настапи на Европското првенство за кадетки во Црна Гора (2023).

„Тоа првенство ми укажа на многу работи лично за мене и ми овозможи да сменам клуб, каде што научив многу од тренерите и каде сè уште учам нови работи. Ми покажа на што треба да работам и ми дозволи да видам која е разликата кај другите девојчиња од другите земји, т.е. колку тие се понапред од нас во сè, што ми даде мотив да работам повеќе на себе.“

Пред да направи трансфер во Металург Автокоманда, таа беше дел од тимовите на Ѓорче Петров и Деспина, екипи од кои носи убави спомени.

„Во тие тимови стекнав пријателства, искуства, знаење од страна на тренерите и многу други спомени кои ќе ги памтам како дел од мојот ракометен пат.“

На прашањето кои се амбициите на Металург Автокоманда за тековната сезона,  таа одговори:

„Амбициите на клубот се на големо ниво, каде што секој натпревар се игра со цел да се победи. Една од поголемите амбиции на тимот, исто така, е Купот на Македонија.“

Котевска има важен совет за сите кои сакаат да започнат со ракомет.

„Ако сакаш да започнеш со ракомет, не се плаши да го направиш првиот чекор! Со труд, посветеност и љубов кон играта, сè е можно. Верувај во себе, биди упорен и никогаш не се откажувај – секој играч еднаш бил почетник. Тимската работа, дисциплината и страста ќе ти помогнат не само на теренот, туку и во животот.“

Порталот користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе

SPORT