Екипата на Деспина од Прилеп доби големо засилување во името на македонската репрезентативка Матеа Чурлиновска. Младата голманка во својот матичен клуб се враќа по поминатиот претстој во Куманово, односно Ѓорче Петров. Чурлиновска во сезона 2022/23 бранеше во Куманово и со поранешниот шампион на Македонија го освои трофејот во домашниот Куп. Ланската сезона направи трансфер во Ѓорче Петров и со „лавиците“ се радуваше на двојна круна, но и на пласман во четвртфиналето на европска сцена, поточно во Европскиот Куп.

Младата голманка имаше забележителни партии на Европското младинско првенство во Скопје и на повеќето натпревари ја добиваше наградата за МВП. Деспина претходно се засили со левото крило Адела Еленин од Куманово, додека за нов тренер беше назначен Адријано Котевски, кој исто така се врати во родниот град.
Деспина за новата сезона има амбиции да го освои второто место во својата група и да обезбеди пласман во плеј-оф фазата, во која би се борела за излез на европска сцена. Прилепскиот клуб последното европско учество го имаше во 2021 година. Ракометарките на Деспина во регуларниот дел од домашниот шампионат ќе играат во група со Ѓорче Петров, Вардар, Шампион и Спартак. Почетокот на домашниот шампионат во женска конкуренција е закажан за 7/8 септември.