Кадетските екипи на Еурофарм Пелистер и Младост Богданци учествуваа на турнирот „Атанас Карабељов“ во Бугарија, кој се играше три дена и донесе возбудливи натпревари.
Избраниците на Фарук Мемиќ настапот го завршија на третото место, откако во драматичен дуел за бронзата славеа над романскиот Аватар Брашов со 32:31.
Младост Богданци, пак, турнирот го заврши победнички и со триумф над грчката Верија од 32:23 го освои петтото место. Во групната фаза Еурофарм Пелистер беше поразен од Пирин, а славеше против Верија, додека во полуфиналето загуби од Драма.
Тимот од Богданци предводен од тренерот Далибор Лукиќ беше во група со Драма и Аватар Брашов и запиша два порази, но ја покажа најдобрата игра во последниот натпревар кога убедливо славеше против грчкиот тим.
Јован Симоновски од Еурофарм Пелистер беше избран за најдобар одбранбен играч на турнирот, додека неговиот соиграч Павел Велјановски го доби признанието за најдобар стрелец со 44 погодоци.
Ваквите натпревари, посебно меѓународни, се одлична проверка на формата пред стартот на новата натпреварувачка сезона, но и искуство повеќе за младите играчи.