Ангеловски: Нема да се штедиме против Динамо Букурешт
Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер утре против Динамо Букурешт ќе го одигра третиот сезонски натпревар во Лигата на шампионите. Романскиот шампион во елитното натпреварување има „две од две“, славеше против Висла Плоцк и Фредериција, додека Еурофарм Пелистер беше поразен од ПСЖ и Фуксе Берлин.
Тренерот на Еурофарм Пелистер, Бранислав Ангеловски, ги истакна своите очекувања за натпреварот против тимот на Давид Дејвис.
,,Можам да кажам дека ни следи исклучително важна недела. Повторно сме во Лигата на шампионите и гостуваме кај сериозен противник, романски клуб, тие имаат буџет од околу 8-9 милиони евра. Во тимот има играчи кои настапувале за Барселона и не се случајни нивните две победи на стартот од ЛШ. Ние одиме со позитивна енергија, да дадеме максимум и нема да се штедиме. Ќе покажеме максимален труд и ќе се надмудруваме со нив. Динамо Букурешт е државен проект и напредуваше со шпанската школа на тренери, неслучајно се 8,9 години шампиони на Романија. Секоја година одат скалило погоре, напредуваат и собираат бодови за да играат директно во ЛШ. Ги имаат најдобрите романски играчи и квалитетни странци“, изјави Ангеловски.
Левиот бек Павле Атанасијевиќ имаше пофални зборови за романскиот шампион и се надева дека со своите соиграчи ќе го дадат својот максимум.
,,Ни следат два тешки натпревари. Се подготвуваме за Динамо Букурешт, напорно работиме и верувам дека ќе одиграме во рамките на нашите можности. Динамо Букурешт има многу интернационалци, играат модерен ракомет и ќе биде тешко да се игра против нив. Сепак, максимално и до секој детаљ се подготвуваме за утрешното гостување. Нашите навивачи насекаде нè бодрат, па така ќе биде и во Букурешт. Ќе се обидеме да ги израдуваме“, рече Атанасијевиќ.
Натпреварот меѓу романскиот шампион и Еурофарм Пелистер се игра утревечер во салата „Поливалента“ со почеток во 18:45 часот.
Еурофарм Пелистер в сабота го очекува уште еден нов предизвик, односно ново гостување, она кај Вардар во рамките од 4. коло од Супер лигата.