Амбициозниот Младост од Богданци на гостувањето во Ресен кај Преспа триумфираше со 42:25 (22:14) во рамките на 13. коло од прволигашката конкуренција и стана есенски шампион.
За избраниците на Горан Андоновски, со оглед на тоа што се слободни во 14. коло, ова беше последен меч од есенскиот дел и го завршија на најдобар можен начин – без загубен бод.
Одличен натпревар во победничката екипа имаше Даниел Андоновски со 15 погодоци, а во поразениот табор младиот Христијан Ристевски имаше десет успешни реализации во мрежата на гостите.
Младост Богданци има 24 бода, четири повеќе од второпласираниот Мулти Есенс, кој има два натпревари помалку, но клубот од Богданци славеше во првата меѓусебна пресметка, па така ќе го заврши првиот дел од сезоната на врвот на табелата.