Панов: Ќе се бориме до последно против Охрид – очекуваме голема поддршка во „Јасмин“

357

Ракометарите на Тиквеш, во рамките од 16. коло од Супер лигата, ќе го пречекаат тимот на Охрид, кој во првата меѓусебна пресметка со кавадарчани триумфираше со пет гола разлика, 24:19.

Избраниците на Кристијан Грчевски се на добар пат да обезбедат пласман во плеј-оф фазата, а голманот Благој Панов истакна дека тимот е целосно фокусиран на предизвикот.

„Пред сè, Охрид е доста добар и амбициозен тим кој е предизвикувачки ривал, но ќе се бориме до последно. Сепак, играме на домашен терен и очекувањата се големи. Треба добро да го подготвиме нападот и да работиме на нивните слаби точки во одбраната.“

Тиквеш моментално е петтопласиран и на свое конто има 16 бода, додека неговите главни конкуренти за плеј-оф – Бутел, Еурофарм Пелистер 2 и Прилеп заостануваат на еден-два бода.

Кавадарчани имаат „полесен распоред“ до крајот на регуларниот дел, но ќе треба максимално да одработат на секој натпревар.

„Подготвени сме да одиграме квалитетни натпревари со главните конкуренти. Сепак, поискусни сме од Еурофарм Пелистер 2 и Бутел и сме влезени во добар ритам. Мислам дека нема да биде неизвесно до крај. Ќе се бориме со секој тим максимално за да влеземе во плеј-офот од петтата позиција. Во Прилеп и Бутел нè очекуваат тешки гостувања, но со квалитетна игра ќе се подготвиме за победи.“

Тиквеш во последните три сезони е дел од ТОП 5, а истата цел ја има и за оваа сезона.

„Целта ни е јасна. Веќе неколку сезони Тиквеш игра на европска сцена и оваа сезона ќе се бориме да го оствариме зацртаното.“

Панов за утрешното соочување со „гладијаторите“ очекува голема поддршка од трибините.

„Ги повикувам сите наши поддржувачи и очекуваме голема поддршка од нашите Лозари, како и досега. Се надевам на голема борба и добра игра од сите на теренот.“

Натпреварот меѓу Тиквеш и Охрид ќе се одигра утре (10 декември), со почеток од 19:00 часот, во спортската сала „Јасмин“ во Кавадарци.

ТАБЕЛА

Тиквеш во 17. коло на свој терен ќе се соочи со Еурофарм Пелистер 2, потоа гостува кај првиот тим на битолчани, па следуваат дуелите со Радовиш (дома), Прилеп (гости), Куманово (дома) и Бутел (гости).

Порталот користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе

SPORT