По 16 порази во низа во суперлигашката конкуренција, довчерашниот главен стратег на Радовиш, Александар Долдуров, реши да си поднесе оставка, објави 24Ракомет. Радовиш до крајот на годината го очекуваат уште дуелите со Вардар и Охрид, по што тимот ќе треба да одигра уште четири натпревари пред почетокот на битката за опстанок во најквалитетното домашно натпреварување.
Тимот на Куманово остана без левиот бек Гиљерме да Силва Фернандес, познат како „Самба“, кој замина на Косово. Бразилецот ќе настапува за тимот на Раховец. За него ова претставува кам-бек во косовската лига, бидејќи во својата кариера има настапувано за Кастриоти. Ова е второ играчко заминување од Куманово, пред неколку месеци од клубот си замина Виктор Трифуноски, а на стартот на месец октомври Аце Станковски понесе оставка од кормилото на суперлигашот.
Новиот женски клуб на македонската ракометна сцена – Атлетик продолжува без пораз во прволигашкото друштво. Во натпревар од 11. коло, скопскиот клуб триумфираше против Стружанка со 31:19. Во убедливата победа против младиот тим од Струга, Моника Босилковска беше најдобар стрелец со седум погодоци. Следен предизвик за Атлетик ќе биде дуелот со Шампион.
Во братското младинско дерби меѓу Мулти Есенс и Алкалоид, бодовите ги освои актуелниот шампион триумфирајќи со 36:25 (16:9). Мулти Есенс во победата беше предводен од Јаков Трајковски со седум погодоци, пет постигна Стефан Ѓорѓиевски, а по четири погодоци имаа Ангел Кленковски и Јован Петрески. На спротивната страна, Андреј Ѓорѓески беше најефикасен со седум реализации. Мулти Есенс останува на лидерското место со 22 бода, додека вторпласиран е Еурофарм Пелистер 2, кој има натпревар помалку.