Лазаревски останува во Вардар, Стојановиќ со понуда од словенечки второлигаш, неготинци го имаат најдобриот стрелец кај младинците

331

Кружниот напаѓач Милан Лазаревски и во идната сезона ќе настапува за Вардар, пренесува ГОЛ.мк. Според споменатиот медиум, Лазаревски и вицепрвакот имаат усмен договор за продолжување на соработката, кој треба да биде официјализиран во следниот период. Поради повреда на рамото, младиот член на „црвено-црните“ беше отсутен од терените одреден период.

Поранешниот репрезентативец на Македонија, Раде Стојановиќ, кој последниот ангажман како тренер го имаше во Тримо Требње, би можел повторно да води словенечки клуб. Според словенечките медиуми, Стојановиќ е еден од кандидатите за преземање на второлигашот Ајдовшчина, клуб кој е во потрага по нов тренер, откако Дарко Тавриќ поради лични причини реши да го напушти кормилото на тимот. Името на Раде Стојановиќ е ценето во словенечкиот ракомет – како играч и тренер беше дел од Тримо Требње, а во Македонија ги предводеше Металург 2, Охрид и Тиквеш. На интернационална сцена, краток временски период го водеше и Катар Спорт.

Иако Вардар Неготино нема освоено бод во младинската конкуренција, сепак го има најдобриот стрелец. На едно коло пред крајот на есенскиот дел кај младинците, Јован Јовановски ги предводи стрелците во младинската лига со 124 погодоци, постигнати на 13 натпревари. Јовановски во просек постигнува по 9,5 погодоци по натпревар, а неговиот тим на 13 натпревари има постигнато вкупно 299. Денеска, со натпреварот меѓу Пролет и Мулти Есенс, ќе започне 14. коло, кое воедно е и последно за 2025 година.

 

Порталот користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе

SPORT