Машката ракометна репрезентација на Македонија утре против Португалија ќе го одигра вториот натпревар на Европското првенство, кое се одржува во Данска, Норвешка и Шведска.
Македонија во првото коло беше поразена од Данска, додека Португалија ја оправда фаворитската улога против Романија и стигна до првите два бода. Со оглед на тоа што само двете најдобри репрезентации од секоја група продолжуваат во главната фаза, утрешниот дуел со избраниците на Пауло Переира ќе има големо значење за „црвено-жолтите“.
Селекторот Кирил Лазаров потенцира дека Португалија е фаворит, но истакна дека Македонија ќе се обиде да одигра подобро од првиот натпревар.
„Португалија е одлична селекција и дојде тука да се бори за медал. Сепак, не е на нивото на Данска. Ние мораме да бидеме позитивни и реални и да се обидеме да одиграме подобро од вчерашниот дуел. Сите посакуваме изненадување, но мора да стоиме цврсто на земја и да бидеме компетитивни. Португалија е фаворит, нивните апетити пораснаа и веруваат дека можат дури и до медал на ова ЕП. Ние ќе се обидеме да им го пореметиме планот“, изјави Лазаров.
Натпреварот меѓу Македонија и Португалија е закажан за 18:00 часот.