Министерот за спорт на Македонија, Борко Ристовски, во вчерашното гостување на Канал 5 телевизија изрази задоволство од постигнатите резултати на македонската ракометна репрезентација на Европското првенство во Данска, Норвешка и Шведска.
Освен пофалбите за остварените резултати, Ристовски позитивно ја оцени и работата на селекторот Кирил Лазаров.
„Доколку се земе предвид колкава држава сме и кои ни беа ривалите во групата, тогаш треба да бидеме задоволни од освоеното 14. место на Европското првенство. Знаеме дека секогаш може подобро, но и овој резултат е успех за нас. Лазаров направи голема работа и треба да му се оддаде признание за сè што направил и сè уште прави за македонскиот ракомет и репрезентацијата“, истакна Ристовски.
Македонија настапот на континенталниот собир го заврши на 14. позиција, со биланс од една победа, едно реми и еден пораз. Иако не успеа да избори пласман во главната фаза, нашата репрезентација покажа дека може рамноправно да се носи со секој ривал.
Во првото коло, момците на Лазаров очекувано загубија од Данска, во второто одиграа храбро против Португалија и се изборија за реми, додека во последното коло од групната фаза славеа над Романија.