Прволигашот Вардар Неготино, иако амбициозно влезе на стартот на сезоната со неколку квалитетни засилувања, бргу се откажа од зацртаната цел – борба за камбек во Супер лигата. По разделбата со дел од играчите кои беа доведени како засилувања, клубот реши да направи промена и на тренерската позиција, дознава Спортска Димензија.
Игор Котевски и раководството на Вардар Неготино ја прекинаа соработката, па во продолжението од сезоната екипата ќе биде предводена од неготинецот Ратко Велјанов, кој претходно го има водено тимот како главен тренер.
Котевски на клупата на поранешниот суперлигаш се врати во средината на октомври, како замена за Пепи Манасков, но ниту еден од двајцата не успеа да направи позначаен исчекор со клубот.
По завршувањето на првиот дел од сезоната, од Вардар Неготино си заминаа Христи Бикоски, Мице Шилегов, Никола Стојкоски, Андреј Маркудов и Иван Митревски, а според информациите, клубот продолжува само со играчи од Неготино, односно без никакви засилувања.
Изненадувачкиот пораз од Текстилец и Македонија Ѓорче Петров, како и поразите од Младост и Мулти Есенс си го направија своето, па неготинци заостануваат на шест бода од двете, моментално, најдобри екипи – Младост и Мулти Есенс.
Екипата есенскиот дел од Првата лига го заврши на четвртата позиција со 18 бода.