Кадетите на Пролет и Мулти Есенс продолжуваат без пораз, Кузевски останува лидер на стрелците

150

Изминатиот викенд стартуваше вториот дел од кадетската ракометна лига во машка конкуренција, а во 9. коло на победи се радуваа екипите на Вардар, Мулти Есенс, Текстилец, Еурофарм Пелистер 2, Пролет…

Деветтото коло беше комплетирано со дуелот меѓу Охрид и Алкалоид во рамките од групата Б, во која Пролет останува на лидерската позиција со максимални девет од девет, односно 18 бодови на своето конто.

Токму овој клуб, кој со години наназад одлично работи со младинските категории, на дел од играчите од кадетскиот и младинскиот состав им дава шанса и во сениорска конкуренција. Така младите играчи драгоценото искуство што го стекнуваат во Супер лигата успешно го пренесуваат на натпреварите во своите возрасни категории.

Овој пристап претставува и силен поттик клубовите повеќе да се насочат кон создавање домашен македонски производ, наместо кон „расфрлање“ пари на просечни странски играчи, практика што сè уште ја негуваат дел од сениорските екипи.

Пролет славеше против Македонија Ѓорче Петров со убедливи 48:31 за деветта сезонска победа. Освен Лука Јовиќ со десет погодоци, во победничката екипа се истакнаа уште Давор Крстески со девет, Марко Ѓорѓески со седум и Огнен Алексов со шест погодоци. Кај Македонија Ѓорче Петров, лидерот на листата на стрелци, бекот Никола Кузевски, постигна десет погодоци и сега зад своето име има вкупно 110 голови, односно просек од 12,2 по натпревар во досегашниот тек од сезоната.

Уште еден клуб со ваков пристап е Струга, која на гостувањето во Прилеп кај истоимената екипа се избори за победа од 33:31. Стружани триумфот го обезбедија на крилата на Војо Клењоски и Валентин Ѓорговски, кои постигнаа по десет погодоци во мрежата на домашниот тим. Кај Прилеп се истакна играчот со сениорско педигре Марио Столески со десет погодоци, додека по седум реализираа Божидар Тодороски и Бојан Стојкоски. И на првата меѓусебна пресметка на двете екипи имаше над 60 гола, но тогаш триумфираа прилепчани со 36:32.

Моментално, вториот на листата на стрелците, Андреј Георгиев, кој засега има 90 погодоци зад своето име, ја продолжи одличната форма од првиот дел и на натпреварот со Преспа погоди 12 пати, а 10 успешни реализации имаше левиот бек Тео Спировски во убедливата победа на актуелниот шампион Еурофарм Пелистер против Преспа од 39:30.

Победа запиша и вториот битолски тим – Еурофарм Пелистер 2. Битолчани пред својата публика славеа над Илинден Вардар со 27:17 и со освената победа се зацврстија на 3. позиција на табелата во групата А, сега имаат 12 бода.

Мулти Есенс без проблеми обезбеди победа од 45:21 против Овче Поле. Победничката екипа беше предводена од Стефан Матевски и Тома Симоновски, кои постигнаа по шест погодоци. Во редовите на Овче Поле се истакнаа Стефан Паневски и Огнен Андусов со по пет погодоци. На победа, четврта во тековната сезона, се радуваше и Алкалоид, кој славеше на гостувањето кај Охрид со 29:27. Кадетскиот репрезентативец Максим Гарбески беше прво име во победничкиот табор со осум погодоци, додека 13-те погодоци на Тане Јанчески беа премалку за барем реми на домаќините.

Вардар предводен од Давор Мечкароски (10 гола) беше убедлив против Радовиш со 46:26, а Текстилец со расположениот Мартин Стефанов успеа да го надигра Младост од Богданци.

Кадетска лига, мажи, 9. коло

РЕЗУЛТАТИ:
Група А
Текстилец – Младост 45:32 (22:17)
Мартин Стефанов 13, Андреј Зафиров 7/Методи Младеновски 12
Мулти Есенс – Овче Поле 45:21 (24:7)
Тома Симоновски 6, Стефан Матески 6/Стефан Паневски 5, Огнен Андусов 5
Вардар – Радовиш 46:26 (22:7)
Давор Мечкароски 10/Стефан Трајанов 9, Стефан Велков 9
Еурофарм Пелистер 2 – Илинден Вардар 27:17 (11:8)
Даниел Христовски 7/Милан Стојевски 5

ТАБЕЛА

Група Б
Прилеп – Струга 31:33 (16:18)
Марио Столески 10/Војо Клењоски 10, Валентин Ѓорговски 10
Еурофарм Пелистер – Преспа 39:30 (22:16)
Андреј Георгиев 12, Тео Спировски 10/Бојан Веслиевски 7
Македонија Ѓорче Петров – Пролет 31:48 (16:27)
Никола Кузевски 10/Лука Јовиќ 10
Охрид – Алкалоид 27:29
Тане Јанчески 13/Максим Гарбески 8, Кирил Гошевски 6

ТАБЕЛА

Порталот користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе

SPORT