Српскиот репрезентативец Марко Тасиќ (генерација 2003), кој настапува за Динамо Панчево, е многу блиску до трансфер во Вардар, пренесува српскиот медиум „Моцарт Спорт“.
Според споменатиот медиум, раководството на Вардар и ракометарот веќе постигнале договор за соработка, но останува да се реши уште прашањето околу обештетувањето со неговиот сегашен клуб, бидејќи договорот на Тасиќ со клубот од Панчево е до 2027 година.
Доколку трансферот се реализира, Тасиќ ќе биде четврти српски репрезентативец во составот на Вардар, по Вукашин Воркапиќ, Урош Митровиќ и голманот Милан Бомаштар, кој се очекува да му се приклучи на тимот од лето.
Тасиќ е еден од новите репрезентативци на Србија, настапи на ЕП 2026, а во својата кариера го носеше дресот и на Дубочица, Суботица и Војводина.
На Европското младинско првенство во Португалија (2022) заедно со Србија го освои бронзениот медал и беше прогласен за најдобар дефанзивец на младинскиот континентален собир.