Екипите на Младост и Мулти Есенс во досегашниот тек од сезоната собраа по 32 бода во прволигашката конкуренција, но клубот од Богданци е единствениот тим без загубен бод. Од друга страна, младиот состав од Автокоманда има само еден пораз, и тоа токму од екипата предводена од Горан Андоновски.
Првопласираниот тим на крајот од сезоната ќе обезбеди директен пласман во елитното друштво, додека второпласираниот ќе игра суперлигашки бараж со претпоследниот тим од суперлигашкиот плеј-аут.
Токму овие две екипи се најблиску до остварување на својата цел. Во рамките на 21. коло, во Автокоманда ќе се одигра нивната втора меѓусебна пресметка, натпревар што може значително да влијае врз конечниот расплет во борбата за првото место.
До крајот на сезоната остануваат уште осум кола, па јасно е дека секој бод ќе има огромно значење во трката за директен пласман во Супер лигата.
Засега Младост има мала предност поради натпревар помалку, но и поради победата на домашаен терен, а Мулти Есенс покажува константна форма и најавува неизвесна битка до самиот финиш.
Зад водечкото дуо се наоѓа Драчево Јуниор со 26 бода, додека Вардар Неготино е четврт со 24, но нивната шанса за борба за врвот е значително помала во однос на водечките два тима, па останува да се борат за што подобар пласман.
