Машката ракометна сениорска репрезентација на Македонија одигра нерешено против Австрија, 30:30 (15-15) на пријателски натпревар, кој послужи како генерална проверка пред баражот за пласман на Светското првенство следната година.
Македонија за пласман на Мундијалот ќе се бори со подобриот од дуелот меѓу Словачка и Украина, а на првиот натпревар, подобра беше Словачка.
Во Брегенц, селекторот Кирил Лазаров го искористи дуелот за да испроба нови тактички решенија и да ја провери формата на секој играч.
Нашата репрезентација во Австрија настапи без неколку важни играчи, а домаќините најавуваа дека одат на победа, без разлика што е тест-натпревар.
Голот за реми беше дело на капитенот Филип Кузмановски, кој во последната секунда од седум метри успеа да го совлада домашниот голман.