Изминатиот викенд беа одиграни речиси сите натпревари од 19. коло од прволигашката конкуренција, а на победа се радуваа екипите на Мулти Есенс, Македонија Ѓорче Петров, Партизан…
Меѓу победниците беа и ракометарите на Јехона. Домаќините пред својата публика славеа над Овче Поле со 28:21, забележувајќи ја деветтата сезонска победа, што е солидно за клуб од ваков ранг.
Тренерот Фари Селмани во разговор за Спортска Димензија нагласува дека успесите на екипата се резултат на трудот и посветеноста на сите играчи, а најголемата заслуга оди на сметката на тренерот Радислав Стрезовски.
„Се наоѓаме на 6-та позиција на табелата, имаме 9 победи и 18 бода. Ова е заслуга на тренерот Радислав Стрезовски, кој од оваа сезона ги води машките со голема желба. Воедно, овој успех е и на самите играчи, каде што вреди да се напомене дека сите се од градот Гостивар. Конечно, сите 20 играчи придонесуваат за успесите на клубот. Наша цел е да се подобруваме во организациски план за да имаме поголема поддршка од публиката и сметаме дека успесите ќе дојдат со дисциплина и работа. Секоја победа за нас и за играчите е од големо значење. Како клуб го имаме и најдобриот играч во лигата, капитенот Адис Салиу, кој е лидер на стрелците во Прва лига”, изјави тренерот Фари Селмани.
Зад успешната победа над Овче Поле стои и голманското трио – Никола Крунески, Дарко Димитриески и Јован Трпески а напаѓачки најмногу се истакнаа Адис Салиу (9), Бојан Давидоски (5), Виктор Трифуноски (4) Мојсе Тасески (4)…
Клубот во досегашниот дел од сезоната, дури и против посилни ривали, покажа карактер и докажа дека располага со квалитет за повисок пласман.
Јехона веќе неколку сезони организира турнир за млади, а од оваа сезона реши за првпат да пријави сениорска екипа во женска конкуренција.
ЖРК Јехона го оживува женскиот сениорски ракомет во Гостивар