Македонскиот стратег Раде Стојановиќ направи голем успех во словенечкиот ракомет, откако успеа да ја врати Ајдовшчина во најквалитетното тамошно натпреварување, освојувајќи ја титулата во Првата лига.
Стојановиќ ја презеде клупата на Ајдовшчина во вториот дел од сезоната, успеа да ја препороди екипата и од третото место се проби до врвот, без ниту еден пораз до крајот на сезоната.
Успехот на Стојановиќ за пет месеци работа е огромен, бидејќи ја врати Ајдовшчина во најквалитетното словенечко натпреварување по пауза од цели 30 години.
Тој на социјалните мрежи испрати емотивна порака до своите ракометари, клубот и навивачите, заблагодарувајќи им се за довербата, пожртвуваноста и заедничката борба во текот на сезоната.
„Некои победи се мерат со бодови, а другите стануваат дел од историјата. Она што овој тим го постигна во изминатите пет месеци засекогаш ќе остане запишано во историјата на ракометот во Ајдовшчина. Кога пристигнав, РК Ајдовшчина беше на третото место во лигата. Чекор по чекор, со напорна работа, дисциплина и верување, оваа група постигна нешто што не се случило 30 години – промоција во 1А лигата. 12 победи, 2 реми и без порази. Но, поважен од бројките е карактерот што овие играчи го покажуваа секој ден. Имаше тешки моменти, притисок и сомнежи, но тимот никогаш не престана да верува дека заедно можеме да постигнеме нешто посебно. Денеска е испишана историја. И секој играч е дел од тоа. Ви благодариме за довербата, пожртвуваноста и срцето на теренот. Овој успех припаѓа на сите вас. Ова нека биде потсетник дека со верување, дисциплина и единство, ништо не е невозможно – и насока каде овој клуб треба да продолжи да оди во иднина“, напиша Стојановиќ.
Македонецот на домашната сцена ги предводеше Металург 2, Охрид и Тиквеш, а на репрезентативно ниво оствари забележителни резултати со младинските селекции на Македонија.
Во странство беше тренер и на Катар Спорт, како и на Тримо Требње, клуб со кој исто така бележеше одлични резултати во словенечкиот шампионат.