Српскиот шамион Партизан аплицираше за вајлд-карта за настап во Лигата на шампионите, а дали ќе ја добие специјалната покана во голема мера ќе зависи од тоа какви гаранции ќе му понуди на ЕХФ во однос на организацијата на натпреварите и спречувањето на навивачки инциденти.
Партизан во меѓувреме состави квалитетен ростер за следната сезона и се очекуваат и уште неколку звучни засилувања. Дополнителен адут на белградскиот клуб е името на Раул Гонзалез, тренерот кој со Вардар ја освои историската титула во Лигата на шампионите во сезона 2016/17. Тој ќе го предводи амбициозниот проект на Партизан и претставува еден од најсилните аргументи во кандидатурата на српскиот шампион за настап во најелитното европско клупско натпреварување.
Претседателот на Партизан, Милјан Жугиќ, и спортскиот директор Иван Димитријевиќ минатиот викенд престојуваа во Будимпешта, каде што имаа средба со претседателот на Европската ракометна федерација, Михаел Видерер, како и со првиот потпретседател на организацијата, Предраг Бошковиќ, а главна тема на разговорите била можноста српскиот шампион повторно да биде дел од Лигата на шампионите, натпреварување, во кое последен пат настапуваше пред 13 години.
Од таборот на „црно-белите“ соопштија дека ЕХФ гледа на Партизан како на еден од потенцијалните добитници на вајлд-карта, особено по одлуката Лигата на шампионите од следната сезона да биде проширена од 16 на 24 екипи, но истовремено во Виена постои сериозна загриженост поради неодамнешните случувања на натпреварите на клубот од Белград.
Во штотуку завршената сезона, вториот натпревар од финалната серија меѓу Партизан и Војводина беше прекинат поради навивачки нереди и употреба на пиротехнички средства од страна на навивачите на Партизан, по што беше донесена одлука од РСС за одигрување и трет решавачки натпревар за шампионската титула.
Инциденти имаше и пред една сезона, во европски рамки, кога Партизан во четвртфиналето од Европскиот Куп за ривал го имаше АЕК Атина. Тогаш, реваншот во Белград воопшто не се одигра, откако навивачката група на домаќините предизвика сериозни нереди на трибините, беа употребени пиротехнички средства, а гостинските ракометари го напуштија теренот.
Партизан за следната сезона ги ангажраше Бекир Чордалија (Келце), Владислав Кулеш (Мелсунген), Јуав Лумбросо (Динамо Букурешт), Илија Абутовиќ (Еурофарм Пелистер), Милош Кос (Ерланген)…