Повратникот во Супер лигата, Младост, продолжува со комплетирањето на ростерот за големиот предизвик во следната сезона. Раководството на клубот во своите редови го задржа младинскиот репрезентативец Ѓорѓе Атанасов (генерација 2007), кој во претходните три сезони беше меѓу најдобрите стрелци на тимот од Богданци.
Атанасов е дете на Младост и ги мина сите младински категории во клубот, а во сезоната 2022/23 беше најмладото десно крило во прволигашката конкуренција, стекнувајќи драгоцено искуство.
,,Неговата брзина, борбеност и чувство за гол го прават еден од најперспективните млади играчи на својата позиција, а продолжувањето на соработката претставува важен чекор во иднината на клубот”, објавија од Младост.
Во штотуку завршената сезона, во која Младост го доби баражот против Струга и обезбеди кам-бек во најквалитетното домашно натпреварување, Атанасов постигна 75 погодоци на 15 одиграни натпревари.
Младост во своите редови ги задржа и тренерот Горан Андоновски, левиот бек Даниел Андоновски и херојот од баражот, голманот Живојин Илиќ, а се засили со Тодор Узунчев од Бутел Скопје и Славе Јанковски од Радовиш.