Куманово ги награди талентите: Шестмина младинци приклучени во сениорскиот тим

111

Суперлигашот Куманово пред неколку дена ги стартуваше подготовките за новата натпреварувачка сезона, а раководството на клубот направи уште еден голем чекор кон градење на иднината, промовирајќи шестмина млади играчи во сениорскиот тим.

Шанса да се докажуваат меѓу сениорите ќе добијат Михаел Милановски, Ведран Алексиќ, Михаил Стојановски, Немања Цветковски, Марко Младеновиќ и Дариан Николовски. Станува збор за талентирани играчи од младинската школа на Куманово, кои во претстојниот период ќе имаат можност да се наметнат кај стручниот штаб и да конкурираат за минутажа во првиот тим.

„Не ги забораваме младинските категории. Тие се неизоставен дел од нашиот колектив и паралелно со сениорскиот тим ќе ја реализираме програмата за работа и со младите“, , изјави тренерот на МРК Куманово, Александар Саша Радосављевиќ.

Во сениорскиот тим настапува и кадетскиот репрезентативец Христијан Вујичевски, како и Григор Трајковски и Тино Стојановски.

Куманово во трансфер периодот ангажираше неколку квалитетни засилувања. Најзвучно име меѓу новите ракометари е брзото крило Наум Костов, кој пристигнува од Струга. Заедно со него, од истиот клуб се приклучува и Филип Мечкароски. Нови членови на Куманово се и Бојан Гичев, кој доаѓа од Еурофарм Пелистер 2, Матеј Новаковски од Бутел, како и Марко Трајковски, кој минатата сезона настапуваше за Пролет. Ростерот дополнително е засилен и со интернационалецот Хамза Мамду Ибрахим.

Ракометарите на Куманово, според распоредот, сезоната ќе ја започнат на гостински терен против Прилеп, додека во второто коло на домашен терен ќе го пречекаат актуелниот шампион Вардар.

SPORT