Подготовките за Првиот женски ракометен форум во Охрид (26 септември 2026) влегуваат во завршна фаза, а јавноста веќе ги запозна првите три ракометни имиња кои ќе ги споделат своите искуства.
Под мотото „One game. One voice. One future“, организаторот Ракометна федерација на Македонија (РФМ) најавува настан чија цел е развој и поголема поддршка на женскиот ракомет.
Меѓу петте панелистки ќе бидат и Лидија Хорват (Хрватска) и Сузана Лазовиќ (Црна Гора), а во продолжение ви ги претставуваме имињата на останатите три панелистки кои македонската спортска јавност добро ги знае.
Индира Кастратовиќ – Симбол на најголемиот клупски успех во Македонија. Европски шампион со Кометал Ѓорче Петров (2002), најдобар стрелец на Светското првенство во 1997 година (71 гол) и член на „Куќата на славните“ на ЕХФ. На форумот ќе го пренесе своето искуство за градење победнички менталитет и лидерство кај младите категории.
Андреа Лекиќ – Најдобра ракометарка во светот за 2013 година и омилено лице кај македонската публика. Со пет сезони во дресот на ЖРК Вардар, две финалиња во ЛШ и европска титула со Ѓер, Лекиќ на форумот ќе зборува за професионализмот, организацијата на играта и патот до самиот светски врв.
Драгана Цвијиќ – Двократна освојувачка на Лигата на шампионите со Будуќност и светска вицешампионка со Србија (2013). Покрај значајниот траг што го остави во ЖРК Вардар, таа денес работи како помошен тренер во српската репрезентација, па на форумот ќе го сподели своето искуство за транзицијата од врвен играч во спортски работник и тренер.
Овој потег на Ракометната федерација на Македонија (РФМ) заслужува вистински висока оценка од целата спортска јавност. Организирањето на ваков форум, каде на едно место се собираат европски и светски шампионки со огромно искуство, покажува дека РФМ конечно го става фокусот и врз стратешкиот развој на женскиот ракомет. Модератор на форумот ќе биде Јана Серафимова.