Натпреварувачката Комисија на домашната кошаркарска куќа изминативе денови имаше полни раце работа, откако беа изречени неколку парични казни по натпреварите од 6. коло од Првата машка лига. Парични казни има за тренерите на ТФТ (Боро Смилковски), Гостивар (Љупчо Малинков), Пелистер (Александар Петровиќ), како и за играчите на Работнички и Кожув, Стојан Ѓуроски и Фран Пилепиќ.
Парична казна има и за екипата на Чаир, поради транспарент на УЧК, транспарент кој можеше да се забележи на секој домашен натпревар на Чаир во спортската сала „Шабан Трстена“. На овој клуб му е изречена уште една парична казна, поради настап на кошаркарите со чорапи во различни бои.
Во иднина доколку симпатизерите на Чаир истакнуваат симболи, знамиња…со текстови кои директно навредуваат по верска, национална и расна основа и кои поттикнуваат на насилство, натпреварите ќе бидат прекинати.
,,Пред почетокот на натпреварот на трибините било истакнато знаме на УЧК. По насока не делегатот со координација на сл.лица и комесарот за безбедност на КК Чаир 2030 истото било тргнато, но по неколку минути повторно било истакнато на трибините до крајот на натпреварот. Играчите на КК Чаир 2030 немале иста боја на чорапи согласно пропозициите. Без забелешки од страна на обете екипи и службените лица”, стои во билтенот.
Опемена има за делегатот Елена Вуческа, која беше делегат на натпреварот меѓу Чаир и Вардар, во иднина да постапи согласно членот 35.2 од пропозициите за натпреварување во сениорска конкуренција.
Член 35, став 2 – Забрането е внесување и истакнување на знамиња, симболи, амблеми или пароли со текстови кои директно навредуваат по верска, национална и расна основа и кои поттикнуваат на насилство, или пароли кои и содржат неспортска содржина и исмејување на поединци, екипи или организации. Обврска на клубот е веднаш да ги отстрани, во спротивно натпреварот нема да продолжи, а последиците ќе ги сноси организаторот.