До крајот на сезоната во Првата лига преостануваат уште две кола, а во моментов лидер на табелата е Мулти Есенс со 42 бода, додека бод помалку има Младост Богданци. Првопласираниот тим обезбедува директен пласман во најквалитетното домашно натпреварување, додека второпласираниот ќе игра суперлигашки бараж против Струга.
Минатата сезона, директен пласман без ниту еден загубен бод обезбеди Еурофарм Пелистер 2. Мулти Есенс играше бараж со Струга, но не успеа да се врати во домашната елита.
Сега овој тим е на чекор до кам-бек меѓу најсилните. Во последните две кола, ракометарите на Мулти Есенс ќе се соочат со Вардар Неготино и Драчево Јуниор.
Од друга страна, Младост Богданци за последни два ривали ги има Аеродром и Преспа. Тимот предводен од Горан Андоновски, покрај поразот во втората меѓусебна пресметка со Мулти Есенс, одигра и нерешено на гостувањето кај Драчево Јуниор – резултати што го оттурнаа од првото место, но сепак има обезбедено најмалку бараж.
