Поранешниот шампион на Европа, Целје, кој важи за еден од најдобрите европски клубови кога станува збор за работа со млади играчи, е заинтересиран за Димитар Узунчев.
Гевгеличанецот, кој веќе две сезони настапува на позајмица од Алкалоид во Бутел Скопје, со своите одлични партии во суперлигашката конкуренција го привлече вниманието на словенечкиот тим.
20-годишниот десен бек настапуваше за кадетската и младинска селекција на Македонија, а беше и на поширокиот список кај селекторот Кире Лазаров за бараж дуелите против Словачка за пласман на Светското првенство 2027.
Узунчев кариерата ја започна во родната Гевгелија, беше член на Партизан, а потоа се пресели во Скопје, каде заедно со својот брат Тодор настапуваше за Мулти Есенс и Алкалоид.
На Светското младинско првенство во 2025 година беше меѓу десетте најдобри стрелци, постигнувајќи 49 погодоци од 71 обид, со реализација од 69 проценти.