Богданци се мобилизира за баражот со Струга

117

Второпласираниот тим од Првата лига, Младост Богданци, ќе игра бараж против претпоследнопласираниот тим од суперлигашкиот плеј-аут – Струга, а доколку тимот предводен од искусниот стратег Горан Андоновски победи, тогаш ќе обезбеди враќање во елитата.

Исто како и во претходните две сезони, домаќин на баражот за Супер лигата ќе биде Прилеп, односно салата „Ристе Ристески Ричко“. Покрај машкиот бараж, на истиот ден, 3 јуни, ќе биде одигран и женскиот бараж меѓу Пелистер и Ѓорче Петров МРК.

Се очекува Младост во Прилеп да има солидна поддршка од трибините, па така најверојатно машкиот бараж ќе се игра пред полни трибини.

,,Богданци, Дојран, Гевгелија, Валандово ве очекуваме во Прилеп со вашата поддршка до остварување на нашата цел”, напишаа од Младост на социјалните мрежи.

Клубот од Богданци последен пат во најквалитетното домашно натпреварување настапуваше во сезона 2020/21.

Пелистер и Ѓорче Петров МРК својот дуел ќе го одиграат од 17:00 часот, додека машкиот бараж е закажан за 20:00 часот.

Порталот користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе

SPORT