📷Кадетските ракометни селекции на прием кај претседателката Сиљановска-Давкова (ФОТО)

75

Претседателката на Република Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, денеска во претседателската резиденција оствари средба со машката и женската кадетска ракометна репрезентација, по нивниот одличен настап на Светското училишно ракометно првенство.

Младите македонски ракометари и ракометарки на шампионатот, кој се одржа во Скопје, стигнаа до одлични резултати и се закитија со медали, испишувајќи уште една успешна спортска приказна. Кадетите го освоија првото место, додека кадетките се радуваа на сребрениот медал.

На средбата, Сиљановска-Давкова им упати честитки за постигнатиот успех, истакнувајќи дека со својот труд, борбеност и посветеност го претставиле македонското знаме во најдобро светло.

„Освоените медали се резултат на истрајна работа, темелна посветеност и исклучителен талент, како и награда за манифестираната способност за рамноправен натпревар со најдобрите училишни селекции во светот, што ве прави најдобри македонски спортски амбасадори.
Ракометот е повеќе од игра, тој е животна филозофија во која се спојуваат дисциплината и страста, умот, вештината и храброста, личниот напор и колективниот дух“, истакна претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова.
Претседателката на Федерацијата на училишен спорт на Македонија, Елена Мицковска, ја истакна важноста на поканата, нагласувајќи дека за младите нема поголема инспирација кога честитките доаѓаат од врвот на државата. Во знак на благодарност за нејзината континуирана поддршка и посветеност кон развојот на младите и училишниот спорт, Мицковска ѝ врачи благодарница на претседателката Гордана Силјановска-Давкова.
„Неизмерно сме благодарни за укажаната покана и чест. Вашето внимание и присуство што им го посветивте на младите спортисти претставуваат силна потврда дека тие се движат по вистинскиот пат.
Вашите инспиративни и искрени зборови се дополнителен мотив за нив и во иднина да продолжат со посветена работа, да останат верни на спортот и на вредностите што тој ги гради. Спортот е универзален јазик кој обединува и создава мостови меѓу младите. За нас претставува особена чест што токму Вие го отворивте Светското училишно првенство во ракомет – настан кој доби највисоки оценки од сите учесници, како и од пошироката јавност. Ова признание беше потврдено и од претседателот на Светската училишна федерација, Жељко Танасковиќ, што дополнително ја нагласува успешноста на организацијата и значењето на овој настан за нашата држава. Ова се моменти кои младите спортисти ќе ги паметат цел живот – моменти што ги обликуваат нивните соништа и ја зацврстуваат нивната љубов кон татковината“, истакна Мицковска.

Порталот користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе

SPORT