Амбициозниот Прилеп продолжува да го комплетира ростерот за новата сезона, во која ќе атакува на пласман во плеј-оф фазата, а старо-ново име во клубот е Стефан Лозаноски.
Левиот бек изминатата сезона го имаше првиот интернационален предизвик, настапувајќи во соседна Грција за Аминтас и Едеса, а по стекнатото искуство, сега повторно ќе биде дел од матичниот клуб.
,,Стефан е добро познато име за прилепската публика, ракометар кој секогаш го дава максимумот на теренот и со голема посветеност ги брани боите на својот клуб. Неговото враќање претставува значајно засилување за нашиот тим во пресрет на новите предизвици. Веруваме дека заедно нè очекуваат многу убави моменти, победи и исполнета сала во која повторно ќе ја чувствуваме препознатливата прилепска ракометна атмосфера”, соопшти Прилеп.
Лозаноски може да одигра и како среден бек, а со неговото враќање, Прилеп добива значително поголем ростер.
Прилеп ги продолжи договорите со Никола Цветаноски, Димитар Димитриоски, Никола Шипинкоски, како и со тренерот Наум Танески. Клубот досега ги ангажираше Андреј Стојановски (Пролет), Благојче Трајкоски (Бутел) и Петар Марковски (Еурофарм Пелистер 2).