Поранешниот шампион на Македонија, ЖРК Вардар, по ангажирањето на првото засилување, голманката Марија Дуновска од Стружанка, се пофали и со продолжувањето на договорите со четири ракометарки.
Станува збор за Ивана Трифуноска, Елена Балоска и Мила Ристовска (сите три кадетски репрезентативки на Македонија), како и Леона Миленкоска, која веќе има статус на сениорска репрезентативка и во изминатата сезона беше прв стрелец на „црвено-црните“ со 152 погодоци на 26 натпревари.
Вардар и понатаму останува посветен на својата стратегија за развој на млади ракометарки. „Црвено-црните“ веќе подолг период работат на создавање база од талентирани ракометарки, а поголемиот дел од младинските репрезентативки на Македонија се дел од скопскиот клуб.
Со нивното останување, Вардар продолжува да гради тим со млада и перспективна основа, што значи дека тренерот Даниела Новеска и во следната сезона ќе има ростер исполнет со таленти желни за докажување.
Во новата сезона, покрај настапите во домашниот шампионат, тимот на Вардар ќе игра и на европска сцена.