Мулти Есенс доби големо засилување – се врати Христијан Гурмешевиќ

367

Повратникот во Супер лигата, тимот на Мулти Есенс, во своите редови го врати Христијан Гурмешевиќ – МВП играчот од кадетскиот Ф4 (2023) и актуелен младински репрезентативец, дознава Спортска Димензија.

Гурмешевиќ зад себе имаше солиден настап на Европско младинско првенство, на кое беше втор најдобар стрелец во македонската репрезентација со 34 погодоци. Во сезоната зад нас се истакна како еден од најдобрите стрелци во младинската лига, завршувајќи на шестото место на листата на стрелци со 61 погодок на 27 натпревари.

Левиот бек вториот дел од минатата сезона го мина во редовите на Бутел, каде што доби можност да настапува и во Супер лигата и да стекне драгоцено искуство на највисоко ниво. Сега повторно ќе го носи дресот на Мулти Есенс, клубот во кој се афирмираше како играч.

Неговото репрезентативно искуство, како и она стекнато во суперлигашката конкуренција, сигурно ќе бидат дополнителен адут за повратникот во домашната елита. Талентираниот ракометар во 2023 година беше избран за најкорисен играч (МВП) на кадетскиот Ф4 турнир, на кој Мулти Есенс по голема борба ја совлада Струга во финалето и го освои шампионскиот трофеј. 

Мулти Есенс минатата сезона ја освои титулата во Првата лига и обезбеди директен пласман во најквалитетното домашно натпреварување.

Порталот користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе

SPORT