Грчкиот второлигаш Аминтас во новата сезона ќе прерасне во мала македонска колонија, откако покрај тренерот Адријано Котевски, со клубот потпишаа и тројца ракометари од Прилеп.
Станува збор за Синиша Павлов, Стефан Лозаноски и Владимир Трајкоски – тројца бекови кои би требало да бидат одлично засилување за Аминтас.
Лозаноски, кој може да игра како среден и лев бек, и Трајкоски, среден бек, веќе имаат искуство во грчкиот ракомет, изминатата сезона настапуваа за Аеропос Едеса. Трајкоски претходно го носеше и дресот на Панелиниос, исто така грчки тим.
Во домашното првенство, Лозаноски настапуваше за Прилеп и прволигашот Кичево, додека Трајкоски беше дел од Прилеп и Голден Арт, а зад себе има и настапи за косовската Трепча.
Синиша Павлов, кој настапува на позицијата десен бек, последно играше за Борец ФЛ. Иако на своја адреса имаше уште неколку интернационални понуди, сепак реши кариерата да ја продолжи во конкурентната Втора лига во Грција.
Тој исто така потекнува од школата на Прилеп, настапуваше и за Голден Арт заедно со Трајкоски, а беше дел и од тимовите на Радовиш и Скопје. На интернационално ниво го носеше дресот на Маломерице (Чешка) и Вјоса (Косово).
Интересен е податокот дека Павлов и Трајкоски токму со Котевски како тренер го освоија кадетското првенство во 2018 година како дел од тимот на Прилеп.
Адријано Котевски тренерската кариера ја продолжува во странство – ќе води грчки тим!