Екипита на Прилеп и Еурофарм Пелистер 2 ќе се борат за трофејот на 10. издание на меморијалниот турнир „Миле Нешкоски“.
Домаќините откако беа подобри од Бутел, вечерва го совладаа и Тиквеш, триумфираа со 24-23, а голот за победа го постигна Томислав Квастек во последната секунда.
Кај Прилеп повторно на голот блескаше Иван Ангелески, а во нападот одлични беа Димитар Димитриоски со осум, Владан Кастратовиќ со пет, Пеце Рајатоски со 4 и Божидар Илиески со три гола.
Во тимот на Тиквеш најефикасни со по пет гола беа Мохамед Ахмед, Балша Чејовиќ и Димитар Коцев.
Еурофарм Пелистер 2 одигра одлично против Црвена Ѕвезда, триумфираше со 35-29, а во победата на битолчани најефикасен беше Мафуд Азис со десет погодоци, по седум имаа Ненад Белистојаноски и Христијан Митревски.
Битолскиот тим во првото коло беше доминантен и против Пролет, па така избраниците на Зарков ќе се борат за трофејот против домаќинот.
Финалето, како и останатите натпревари за пласман, се на програмата в недела.