Ракометарите на Еурофарм Пелистер во натпревар од петтото коло од Лигата на шампионите ќе бидат домаќини на европскиот гигант Барселона. Билетите за овој дуел се распродадоа за само осум минути, а салата „Боро Чурлевски“ повторно ќе биде исполнета до последно место.
Тренерот на македонскиот шампион, Рубен Гарабаја, во најавата за мечот со каталонците истакна дека неговите ракометари мора да бидат 100% фокусирани ако сакаат добро да парираат.
„Барселона е една од најдобрите три екипи во светот. Секој натпревар против нив е посебен, затоа што имаат многу ѕвезди и одлични ракометари. Мора да бидеме фокусирани на сите детали. Ракометниот клуб има огромна поддршка од фудбалскиот дел на Барса, нивната структура е извонредна. Секој тим против нив се бори максимално, но при секое губење на концентрацијата тие постигнуваат 3-4 брзи голови од контра, бидејќи имаат одлична одбрана и најдобар голман во светот“, изјави Гарабаја.
Своите очекувања за претстојниот натпревар го сподели и Анџеј Видомски, кој во претходното коло против Висла Плоцк го имаше своето деби во Лигата на шампионите.
„Првите минути ги одиграв против Охрид и атмосферата во салата беше извонредна. Во Плоцк дебитирав во Лигата на шампионите, можеби не одиграв најдобро, но тоа беше само првиот чекор и верувам дека ќе биде подобро. Барселона игра многу добро, во некои сегменти слично како Висла Плоцк. Знаеме што треба да правиме и ќе се обидеме да го дадеме нашето најдобро издание. Сакам да ги повикам фановите – нивната поддршка ни е многу важна“, изјави Видомски.
Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Барселона ќе се одигра на 15 октомври со почеток од 20:45 часот.