Екипата на Алкалоид во продолжението од сезоната ќе биде посилна со нов ракометар. Станува збор за довчерашниот член на Бутел Скопје, Филип Николов, кој во последните четири сезони е меѓу најдобрите играчи во Супер лигата.
Иако во ракометните кулоари кружеа гласини дека за велешанецот подолго време постои интерес од Вардар, сепак десниот бек кариерата ќе ја продолжи во Алкалоид, каде што ќе соработува со македонскиот селектор Кирил Лазаров.
Николов веќе се приклучи на тренажниот процес во Автокоманда, а минутажата на десната бековска позиција ќе ја дели со Мартин Серафимов и Мартин Велковски.
26-годишниот ракометар во својата кариера беше дел и од екипите на Охрид, Радовиш и Борец, а со Бутел Скопје стекна и европско исксутво преку настапите во Европскиот Куп.

Десниот бек за ЕП 2026 беше на поширокиот список и во националниот дрес дебитираше за време на ЕХФ неделата на пријателските средби против Јапонија.
Најверојатно, Алкалоид ќе се засили со уште еден играч пред продолжението од сезоната, а веќе е познато дека Михаил Иваноски нема да биде дел од составот на Лазаров.