Со свечена атмосфера и јасна порака за вреднување на спортскиот труд, во Македонска Каменица успешно беше реализирано второто издание на манифестацијата „Спортист на годината“.
Највисоките индивидуални признанија завршија во рацете на Кристијан Анастасовски, член на македонскиот вицепрвак Вардар, како и на Ивана Кметовска, членка на актуелниот шампион Баскет Кам.
Анастасовски го доби признанието за најдобар спортист на годината во сениорска машка конкуренција, а Кметовска за најдобар спортист во сениорска женска конкуренција на Македонска Каменица за 2025 година.
Меѓу екипните признанија, Баскет Кам ја доби наградата за најдобра женска сениорска екипа, додека кошаркарката Јована Петрушевска беше прогласена за најдобра млада спортистка во младинска конкуренција.
Признанија за значајни спортски резултати и промоција на Македонска Каменица добија и Андреј Малчев, Дарио Стојковски, Ана Димитровска, Тони Мичковски, Моника Зафировска и Лазо Стаменковски.
Свечената манифестација „Избор на спортист на годината на Македонска Каменица за 2025 година“ беше организирана од здружението на граѓани „Багери“, со претседател Звонко Прангов.