Машката репрезентација на Македонија на 26 март ќе ги дознае своите противници во квалификациите за Европското првенство 2028, кое ќе се одржи во Шпанија, Швајцарија и Португалија.
Македонската селекција, според актуелниот рејтинг, се најде во вториот шешир заедно со Австрија, Холандија, Фарски Острови, Србија, Полска, Чешка и Италија.
На ждрепката ќе учествуваат 32 репрезентации, кои ќе бидат распределени во осум квалификациски групи, а преку квалификациите, 20 од нив ќе се најдат на ЕП.
Пласман на Европското првенство ќе обезбедат прво и второпласираните репрезентации од осумте групи, како и најдобрите четири третопласирани репрезентации. Освен трите домаќини, директен пласман има обезбедено и актуелниот европски првак Данска.
Прв шешир: Франција, Словенија, Германија, Норвешка, Шведска, Унгарија, Хрватска, Исланд
Втор шешир: Србија, Македонија, Италија, Холандија, Полска, Австрија, Чешка, Фарски Острови
Трет шешир: Црна Гора, Романија, Литванија, Украина, Босна и Херцеговина, Грузија, Белгија, Грција Четврти шешир: Финска, Израел, Луксембург, Словачка, Естонија, Косово, Турција, Летонија
Европското првенство 2028 ќе се игра во периодот од 13 до 28 јануари.
Во меѓувреме, нашата репрезентација сега е насочена кон Светското првенство 2027, односно кон пласман на Мундијалот. Македонија за место меѓу најдобрите светски репрезентации ќе се бори со подобриот од дуелот меѓу Украина и Словачка.