Македонецот Лука Чучанов одлично се снаоѓа во првиот интернационален предизвик. Тинејџерот од Гевгелија, кој летоска потпиша за Естра Пистоиа, имаше неверојатно издание во натпреварот од Првата лига – М17 против Скуола Баскет Арецо.
Тимот на Чучанов успеа да триумфира со 87-80, благодарение на Македонецот и феноменалната партија во последната четвртина. Иако во текот на натпреварот гостинот имаше +20 поени, домашниот тим со серија од 28-8 во последната четвртина успеа да дојде до победа.
Чучанов доминираше во играта, натпреварот го заврши со 27 поени и 13 скока, од кои седум беа тројки. Гевгеличанецот минатата година настапи на Европското кадетско првенство Б-дивизија, кое се одржа во Скопје и беше во конкуренција за МВП.
Кадетскиот континентален собир го заврши во ТОП 3 скокачи и постигна 64 поени на седум одиграни натпревари, што е просек од 9.1 поен по натпревар, а неговите одлични партии во Италија треба да се и позитивна вест за македонските селектори.