Според информациите на Спортска Димензија, голманката Андреа Илиќ повеќе не е член на некогашниот шампион на Македонија, ЖРК Вардар. Македонската репрезентативка, по речиси една деценија во „црвено-црниот“ дрес, одлучи да ја промени клупската средина, а каде ќе ја продолжи кариерата, се очекува да биде познато во наредниот период.
Голманката потекнува од школата на Металург, каде што своите први ракометни чекори ги направи под водство на Јулијана Дамчевска. Во 2017 година се пресели во ЖРК Вардар, најпрво како член на вториот тим, а потоа доби повик и за првиот состав.
Илиќ беше една од најзаслужните за пласманот на Македонија на Европското првенство 2026. Во клучниот квалификациски натпревар против Белгија во Куманово, голманката ја „спушти ролетната“, забележувајќи 14 интервенции и одигрувајќи една од најдобрите партии во репрезентативниот дрес.
На репрезентативно ниво ги мина сите младински селекции на Македонија, а во изминатите четири сезони се етаблираше како една од најдобрите голманки во најквалитетното женско сениорско натпреварување.
Со своите одбрани беше еден од главните адути на Вардар, а повеќето натпревари ги завршуваше со двоцифрен број интервенции, потврдувајќи ги своите квалитети.