По успешниот бараж натпревар и обезбедениот пласман во Супер лигата, раководството на Младост и искусниот голман Живојин Илиќ постигнаа нов договор за продолжување на соработката и е новото засилување во клубот од Богданци.
Илиќ, кој се приклучи на тимот на Андоновски пред само еден месец за најважниот сезонски натпревар на клубот, со своето искуство, сигурност и лидерски квалитети даде значаен придонес во остварувањето на големата цел во штотуку завршената сезона – кам-бек на Младост во елитното друштво на македонскиот ракомет.
Искусниот голман од Србија блесна на баражот против Струга и со 17 интервенции беше Х-фактор во победата на Младост, па беше само прашање на време кога ќе биде обелоденета новата соработка.
Повратникот во Супер лигата претходно ја продолжи соработката со тренерот Горан Андоновски и левиот бек Даниел Андоновски, додека први засилувања за новата сезона беа Тодор Узунчев од Бутел Скопје и Славе Јанковски од Радовиш.