Кружниот напаѓач Марко Трајковски (генерација 2001), кој минатата сезона го носеше дресот на Пролет, е едно од новите засилувања на Куманово за престојната сезона, дознава Спортска Димензија.
Велешанецот има солидно суперлигашко искуство, а во досегашната кариера настапуваше за повеќе домашни клубови. Беше дел од Прилеп, Голден Арт, Бутел Скопје, Тиквеш…
Станува збор за ракометар кој може да одигра во два правци, па кумановци добиваат играч кој покрај дефанзивните задачи може да придонесе и во нападот. Неговата борбеност, физичката игра и искуството во Супер лигата се квалитети кои ќе бидат од голема важност за тимот во новата сезона.
Покрај Трајковски, во Куманово пристигнуваат и Наум Костов и Филип Мечкароски, двајцата од Струга, а раководството на клубот продолжува да работи на комплетирање на ростерот.
Не е исклучена можноста да се ангажираат уште неколку засилувања, со цел да се создаде конкурентен состав за настапот во најквалитетното домашно натпреварување.