Новиот ракометен клуб Илинден, во својата дебитантска сезона, ќе има пријавено екипа и за настап во Првата лига.
Според сознанијата на Спортска Димензија, дел од тимот што од клупата ќе го предводи стратегот Дарко Јанев ќе биде и талентираниот Никола Павловски. Во сезоната што измина, Павловски имаше одлични настапи во дресот на Илинден Вардар.

Павловски во кадетска конкуренција заврши како 6-ти најдобар стрелец. На 15 одиграни натпревари постигна 111 погодоци и беше еден од најзаслужните за пласманот на Илинден Вардар во четвртфиналето од кадетската лига.
Со своите настапи, брзото крило потврди дека станува збор за еден од најперспективните ракометари од својата генерација, а сега ќе добие шанса и прилика на сениорската сцена во дресот на Илинден – во прволигашката конкуренција.
Интересно е што двата клуба од истата скопска населба ќе имаат тесна соработка. По завршувањето на настапите во младинските категории, играчите на Илинден Вардар ќе добијат можност да настапуваат за Илинден во Првата лига и своите квалитети да ги докажуваат во второт по ранг сениорско натпреварување во нашата земја.