Тимот на Тиквеш четврта сезона по ред ќе биде дел од европските натпреварувања, а двомечот со Еш претставува можност за кавадаречкиот клуб да направи чекор напред во својата европска историја.
Со успешен настап против клубот од Луксембург, кавадарчани би обезбедиле пласман во второто коло од ЕХФ Европскиот куп, што би бил најдобар пласман досега на клубот во Европа.
Тиквеш во претходните три сезони беше елиминиран од Кремс во втората фаза, од Драма во првата фаза и од Бешикташ во втората фаза од ЕХФ Европскиот Куп. Доколку го елиминираат Еш, Тиквеш за првпат ќе помине едно коло во Европа.
Еш ја прифати понудата на Тиквеш двата натпревари да ги одигра во Кавадарци, па кавадарчани ќе ја имаат предноста на домашниот терен во двата дуели.
Првиот натпревар ќе се одигра в сабота (19 септември) од 18:00 часот во салата „Јасмин“, додека реваншот е закажан за в недела (20 септември), исто така од 18:00 часот и на истото место.
Избраниците на Кристијан Грчевски со максимален ефект ги минаа првите две кола од Супер лигата, во кои славеа против амбициозната Струга и младиот состав на Бутел Скопје. Токму овие натпревари сигурно им послужија на кавадарчани да согледаат на кои сегменти од играта треба дополнително да работат и каде има простор за подобрување пред европскиот предизвик.