Историска вечер во „Гоце Делчев“: Илинден ја запиша првата победа!

7

Новиот ракометен клуб Илинден ја запиша првата победа во својата историја, откако како дебитант во прволигашката конкуренција славеше над Јехона со 37:28 во рамките од 2. коло.

Во спортската сала „Гоце Делчев“, избраниците на Дарко Јанев имаа солидна поддршка од трибините, што им даде дополнителен мотив во борбата за првата победа.

Илинден одигра одличен натпревар, посебно во последните петнаесетина минути во кои ја направи големата разлика, и уште од почетокот покажа дека ја посакува победата. По израмнетиот старт, домаќините влегоа во ритам, заиграа според посакуваното, но Јехона се врати во игра во последниот дел од првото полувреме и на пауза се замина со 12:11 во корист за новакот.

Најголемиот дел од второто полувреме мина во израмнета борба. Домаќините во еден момент водеа со плус три, а Јехона, главно, преку бековската линија направи пресврт за 20:19. Тимот од Гостивар успеа само неколку минути да го задржи водството. При предност на Јехона од 23:22, следуваше клучниот момент на мечот, односно серијата од 4-0 за Илинден (26-23), со која домаќините ги запечатија бодовите, бидејќи гостите немаа сили да се вратат.

Најефикасен кај Илинден беше Антонио Наковски со десет погодоци, седум имаше Иван Најдовски, а по шест постигнаа Стефан Зенговски и Кристијан Самоиловски. Кај Јехона, искусните Адис Салиу и Мојсе Тасески беа најефикасни со девет, односно седум погодоци.

Порталот користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе